Хрватска ќе настапи со комбиниран состав на Трофеј Македонија, а можност да се докажат ќе добијат и млади ракометарки од јуниорската и кадетската категорија. Селекторот Ивица Обрван очекува турнирот да му даде почетна слика за екипата пред обврските во следните два месеца.

Поранешниот селектор на Македонија ја поздрави иницијативата за организирање на турнирот. Објасни дека, како и другите селектори, одлучил да им даде простор на помладите ракометарки, кои веќе постигнуваат одлични резултати во своите возрасни категории.

„Прво сакам да ја поздравам иницијативата за овој турнир. Како и останатите колеги, така и јас се решив за комбиниран состав, шанса ќе им дадам на повеќе млади ракометарки и јуниорки и кадетки кои бележат одлични резултати во своите категории.

Не сме Норвешка или Данска па да имаме широк состав на сениорки. Сите ракометарки кои се повикани ќе добијат шанса за докажување и ова ќе биде една почетна слика за она што нè очекува во следните два месеци.

Ќе видиме колку поединечно ќе одговорат ракометарките и се надевам дека ќе се покажеме во одлично светло. На сите екипи им посакувам успешен турнир“, рече Обрван, кој сега ја предводи репрезентацијата на Хрватска.