Новинарите не смеат да бидат казнувани за извршување на своите професионални должности и притворот не треба да се користи како неправеден притисок врз медиумските работници, изјави денеска претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите Тереза ​​Рибеиро, осудувајќи ја праксата за судски прогон на новинарите во Русија.

Рибеиро истакна дека континуираните случаи на кривични и административни тужби против новинари во Русија резултирале со натамошен пад на слободата на медиумите и пристапот до информации.

– Во текот на изминатите неколку недели, посветив внимание на значителен број нови судски прогони.. Овие случаи често се однесуваат на наводното „ширење лажни информации за руските вооружени сили“, што е казниво според новиот закон донесен по руската инвазија на Украина, рече Рибеиро.

Поранешната продуцентка на првиот руски канал, Марина Овсјаникова, е обвинета за „ширење лажни информации за руските вооружени сили“ и се соочува со затворска казна до десет години поради протестот со учество на еден човек, што го организираше пред Кремљ на 15 јули.

– Обвинението за ширење „лажни информации“ во врска со руската инвазија на Украина се инструментализира за да се замолчат неистомислениците, рече Рибеиро.

Административните казни сè уште се користат за финансиски поткопување на медиумите и новинарите, а властите ја казниле Новаја Газета за „злоупотреба на слободата на медиумите“ и се заканиле дека ќе ја суспендираат нејзината регистрација како печатено и дигитално издание, известува ОБСЕ.

Новинарката на Life.ru, Александра Бајаситова е ставена во истражен затвор и обвинета за „изнуда заради стекнување имот“ и се соочува со казна затвор до 15 години доколку биде прогласена за виновна.

– Новинарите не смеат да бидат казнети за вршење на нивните професионални должности и притворот да не се користи за неправеден притисок врз медиумските работници. Прекршувајќи ги обврските на ОБСЕ, руските власти не дозволуваат пристап на своите граѓани до основните информации и создаваат атмосфера на страв и репресија, заклучи Рибеиро.