Шефот на мисијата, Тана де Зулуета на прес-конференција иформираше дека Мисијата се состои од основен тим од 13 стручни лица со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во земјата од 15 септември. ОДИХР планира и да побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да пратат 250 краткорочни набљудувачи, кои би пристигнале неколку дена пред денот на изборите.

Де Зулуета на прес-конференцијата информираше дека тие денеска веќе имале средба во Министерството за надворешни работи, како и во Државната изборна комисија.

– Ќе бидеме тука на покана на вашите власти, да ги набљудуваме изборите, да видиме дали се придружувате на стандардите на ОБСЕ, но исто така и до вашите закони и Изборниот законик, рече де Зулуета.

Првпат на овие избори во земјата ќе се применат терминали и систем за вчитување на отпечатоци од прсти. На прашање на МИА за тоа дали Мисијата има искуство во набљудување на вакви избори, тие посочија дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има аналитичар за регистрација на гласачите и дека нивни претставници во ДИК веќе прегледале неколку од овие машини, но и дека ќе испитаат како тие се импементирани во други држави членки на ОБСЕ.

– Мисијата има аналитичар за регистрација на гласачите. Мисијата веќе се сретна со Државата изборна комисија и прегледа неколку од машините. Има и други ОБСЕ држави што користат слични машини и нашата мисија ќе испита како тие се имплементирани на овие избори во овој специфичен контекст, се наведува во одговорот од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за МИА.

Со мисијата ќе се процени дали изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и националното законодавство. Набљудувачите одблизу ќе ги испитаат клучните елементи на изборите, како што е регистрацијата на гласачите, регистрацијата на кандидатите, активностите во кампањата и нивното финансирање, работата на изборната администрација и релевантните владини органи, законодавството поврзано со изборите и неговото спроведување, како и решавање на споровите поврзани со изборите. Со мисијата ќе се следи и начинот на кој медиумите ја покриваат кампањата.

Се планираат и состаноци со претставниците на власта, политичките партии, граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница.

Шефот на мисијата де Зулуета истакна дека имајќи го предвид големиот проблем со кој се соочува земјата, а тоа пандемијата со Ковид-19, тие ќе се придржуваат до сите мерки за превенирање на ширење на болеста што се спроведуваат во земјата.

– Ова ќе биде многу важна компонента на мониторирањето и во поглед на краткорочното и во поглед на долгорочното набљудување, рече таа.

Во текот на набљудувањето ќе биде објавен периодичен извештај за да се ажурираат јавноста и медиумите. ОДИХР ќе ги претстави прелиминарните наоди и заклучоци на прес конференција денот по изборите, а ќе го објави конечниот извештај за набљудувањето, заедно со потенцијалните препораки, приближно два месеци по крајот на изборниот процес.