По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-Обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом, информираат денеска од Јавното обвинителство.
Оттаму посочуваат дека обвинетиот најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Со обвинителниот предлог, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на мерката куќен притвор за обвинетиот, бидејќи се уште постојат основите поради кои таа првично му беше определена.