Поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна политика, Федерика Могерини, е меѓу трите лица приведени од белгиската полиција. Приведувањата се во рамки на голема истрага за измама поврзана со финансирањето на Академијата во Бриж за млади дипломати. Ова го објавија „Еурактив“ и белгискиот „Де Стандард“, повикувајќи се на два извори запознаени со случајот.

Според информациите на „Еурактив“, истрагата се однесува на можни злоупотреби на средства од Европската унија. Полицијата денеска извршила рации во Европската служба за надворешни активности (ЕЕАС). Исто така, рации се извршени и во Колеџот на Европа во Бриж, како и во неколку приватни домови.

Од Колеџот на Европа, каде што Могерини е ректор од 2020 година, соопштиле дека немаат официјална потврда дали таа е уапсена. Исто така, тие одбиле дополнителни коментари. Могерини ја предводеше Европската дипломатска служба (ЕЕАС) од 2014 до 2019 година, а од 2022 година ја раководи Академијата за дипломатија.

Меѓу приведените е и уште еден вработен во Колеџот на Европа. Потврдено е дека тој работи во одделот за извршно образование, според истите извори.

Уапсен е и висок претставник на Европската комисија – Стефано Санино. Тој беше генерален секретар на ЕЕАС во времето кога Могерини ја раководеше институцијата, период во кој беше создадена Дипломатската академија. Моментално Санино е генерален директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот.

Од Европската комисија потврдиле дека белгиската полиција денеска била присутна во просториите на ЕЕАС.