Обвинетиот Стојанче Јовановски денеска пред Кривичниот суд призна вина за две кривични дела, односно за нанесување телесни повреди на неговата сега почината сопруга Ивана, која трагично почина по пад заедно со нивната малолетна ќерка. Сепак, тој изјави дека не се чувствува виновен за делото наведување на самоубиство. Судот констатираше дека признанието за двете дела не е дадено доброволно и не ја прифати изјавата за признание на вина.
Судот не го прифати признанието на вина
Јовановски посочи дека ги разбира првите две кривични дела за кои е обвинет, но дека не го разбира третото. По дополнително појаснување од судијата, тој изјави дека го разбрал обвинението.
„Се чувствувам виновен за телесната повреда, за другото не. Таа мене ме изневеруваше, се работи за неверство“, рече обвинетиот, кој за време на исказот се расплака и истакна дека никој не сака да го сослуша.
Обвинувања кон трето лице
Во своето излагање, обвинетиот посочи дека извесен Мартин, според него, имал улога во трагичниот исход.
„Мартин ѝ се закануваше цело време, ѝ рече ‘оди фрли се под воз’, неговите зборови ги става во моја уста. Не можам да се смирам, Мартин Саздов ми го упропасти семејството“, изјави Јовановски.
Обвинителството тврди континуирано насилство
Обвинителката Адела Бојчевиќ образложи дека обвинението се темели на умисла и континуирано семејно насилство. Таа го опиша настанот од 2 март годинава, кога, според обвинението, обвинетиот физички и вербално ја нападнал сопругата на повеќе локации во Скопје и ѝ упатувал сериозни закани.
За делото поврзано со наведување на самоубиство, обвинителството наведе дека станува збор за специфична форма, при која, иако нема директно поттикнување, суровото и нечовечко однесување довело до состојба што резултирала со трагичен исход.
„На жртвата ѝ упатувал вербални закани ‘ќе те убијм ку*во, ќе видиш што ќе ти направам’. Со умисла, на повеќе локации во Скопје вршел семејно насилство“, изјави обвинителката Бојчевиќ.
