Жалба поради „преблага“ затворска казна од две години за тешко сообраќајно дело
Основното јавно обвинителство Тетово поднесе жалба на пресудата од 7 април 2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден на две години затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, откако со автомобил ја прегази Теодора Ристовска, која подоцна им подлегна на повредите.
Според обвинителството, изречената казна е несразмерна со тежината на делото и последиците што настанале, поради што бараат построга санкција од Апелацискиот суд Гостивар.
„Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот. Меѓу околностите поради кои обвинителството бара построга казна се особено тешките подледици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина. ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен. Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата. Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока. Дополнително, и семејството на жртвата кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до обвинителството за да побара да ја обжали пресудата“, велат од Обвинителството.
Обвинителството укажува дека случајот има висок јавен интерес поради зачестеноста на вакви несреќи и потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам. Во жалбата се наведува дека јавниот обвинител во текот на постапката не се согласил со предлогот за казна од две години и дека има основ за нејзина корекција.
Во изјавата се додава дека и семејството на жртвата, иако нема процесно право на жалба, писмено побарало од обвинителството да ја обжали одлуката.
Ева Ристовска: „Две години не се правда – Теодора заслужува повеќе“
Сестрата на починатата Теодора, Ева Ристовска, преку медиумите јавно изрази разочараност од пресудата и упати повик за најстрога казна:
„Колку вреди животот во Македонија, колку вреди животот на сестра ми? Дали може некој да ја врати нејзината младост, мојата младост? Две години го осудија човеков, што уби човек. Две години го осудија. Дали некој ќе ми објасни некој колку вреди животот на сестра ми? Со две години треба да бидеме задоволни, со две години треба да и запалам свеќа и да и речам: со две години биди задоволна, ова е законот во Македонија. Не, не може со две години. Максималната казна од пет години мене нема да ми ја врати Теодора, ќе ми ја олесни маката, ќе каже на секој еден што ќе го доживее истово, не дај Боже, дека ќе има правда. Сите веруваа во правда и јас верувам. И јас верувам дека ќе се смени оваа од две години и ќе остане барем максималната казна. Верувам силно дека Теодора нѐ гледа и плаче многу повеќе него јас. И верувам дека силата нејзина е во мене. Нема да се откажам, Теодора мора да спие мирно“, рече Ева Ристовска.
Таа посочи дека е неопходно судството да испрати порака дека животот има вредност, а санкциите треба да ја одразуваат тежината на последиците.