Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека на 25 февруари, детето како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувало кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозило јавниот сообраќај и го довело во опасност животот и телото на луѓето.
– Иако немал возачка дозвола, тој со брзина поголема од дозволената за населено место управувал автомобил „БМВ Х6“ по булеварот „Мајка Тереза“ во Скопје. Кога дошол на крстосницата со улицата „Елисие Поповски Марко“, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин, ваквата брзина не му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животно-загрозувачка состојба, а детето во ризик веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош, се појаснува во соопштението.
Бидејќи постои реална опасност детето да се даде во бегство, да ја попречува постапката или да го повтори кривичното дело, се наведува во соопштението, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор.