Скопското обвинителство поднесе жалба против ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“. Од Обвинителството информираа дека надлежниот јавен обвинител ја примил првостепената пресуда и вложил жалба. Груевски беше обвинет за незаконската изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Ослободителната пресуда беше изречена пред неполн месец во Основниот кривичен суд во Скопје. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска образложи дека одлуката е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година.

Случајот треба да застари на крајот од август, но жалбената постапка остава минимална можност за конфискација на партиското седиште познато како „Белата палата“.