Обвинителството, полицијата и ДСЗИ влегоа во Клиничката болница Битола. Истражители и инспектори ги проверуваат документите и земаат изјави од медицинскиот персонал кој бил на смена за смртта на малата Јана.

Обдукцијата е завршена, но резултатите од анализите кои се во тек треба да покажат од што починало девојчето од битолско Кравари кое немаше наполнето  6 години.

-Основното јавно обвинителство Битола издава наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки. Причината за смрт на девојчето се уште не е утврдена, информираат од ОЈО Битола.

Семејството Христовски се сомнева на лекарска грешка, зошто состојбата на детето нагло се влошила по примената инфузија, по што шеќерот кој бил 9 се покачил на 19.

Родителите тврдат дека девојчето претходно не боледувало од ништо, освен настинки. Во болница го однеле бидејќи имало температура и повраќало претходните денови. Целиот случај ќе го испитува и стручна Комисија од Министерството за здравство.

Лекари од Скопје утре ќе одат во битолската болница и ќе извршат стручен надзор. За ова се договориме министерот и директорот на битолската клиничка на состанокот во Скопје. Наместо Фатмир Меџити да оди во Битола и лично да испита што се случувало завчера, тој во неговиот кабинет го повикна првиот човек на болницата за да се информира за случајот. Состанокот траеше час и половина, а директорот на излегување без конкретни одговори на новинарските прашања.

-Обвинителството е веќе влезено и зема моментално изјави од сите, не смеам други инфпормации да ви дадам, изјави д-р Александар Обедниковски, директор на Клиничка болница Битола.

За трагичниот случај, претходно министерот за здравство рече дека се уште не контактирале со семејството, а Премиерот беше категоричен дека јавноста ќе ја дознае вистината кога ќе заврши истрагата.

-Со семејството не сме контактирале, ќе го контактираме наскоро, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

-Откако сите детали ќе ги имаат надлежните институции и врз основа на факти ќе се утврди објективната состојба и врз основа на факти треба да се изречат санкции таму каде што ќе биде потребно, рече Премиерот Димитар  Ковачевски.

Малата Јана почина во средата неполни 5 часа, откако била донесена на педијатриското одделение во битолската болница после примена инфузија.