Министерката за образование и наука Весна Јаневска изврши директен увид во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“. Таа ги отфрли критиките на опозицијата околу квалитетот на условите за престој на студентите. Јаневска оцени дека нападите претставуваат политичко лицемерие по долгогодишното занемарување на објектите во минатото.

„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерие која рече дека е со студентите. Еве како беше во време на СДСМ за студентите. Во овие услови живееја студентите во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте прилика да влезете во домот и да видите“, рече Јаневска.

Таа посочи дека домот е изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека за време на посетите на европски претставници бил високо оценет.

Состојба во студентски дом Стив Наумов

„Не само ние, туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерните домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко“, истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека е можно да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека објектот е под гаранција и сите евентуални дефекти ќе бидат отстранети.

„Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов . И стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сѐ што треба да поправи ќе поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покриви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, изјави таа.

Министерката апелираше до семејствата на студентите да не ги вознемируваат политички партии и други злонамерници.

„Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат да живеат во исти такви услови. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме“, рече Јаневска.

Таа најави дека наскоро во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во кој, како што истакна, условите ќе бидат на исто ниво како во „Стив Наумов“.

Внатрешност на студентски дом

„За многу скоро време ќе пуштиме во употреба уште еден друг дом – „Кузман Јосифовски Питу“, и таму условите ќе бидат на исто ниво како и овде. Така ние се грижиме за студентите“, нагласи министерката Јаневска.