Во тек е изградбата на новиот ургентен центар во рамките на Клиничката болница во Штип. Директорот на штипската болница, Владко Захариев, изјави дека наместо со упати за конкретни специјалности, пациентите од целиот источен регион најпрво ќе бидат прегледувани во оваа служба.

Според најавите, целосната реконструкција на просториите каде што ќе функционира центарот е речиси завршена, а следната фаза опфаќа комплетно опремување со соодветен инвентар и негово официјално пуштање во употреба.

„Деведесет отсто од градежните работи од ургентниот центар веќе се направени. Има уште некои ситни работи што треба да се средат, а потоа ќе почнеме со опремување на мебел, кревети и инвентар. Организациски веќе правиме планови за персоналот што ќе работи во центарот“, вели Захариев.

Центарот ќе овозможи значително побрзо медицинско згрижување, бидејќи ќе се избегне губењето време при барање соодветен специјалист, што е особено значајно за критичните пациенти од останатите градови во Источниот Регион. Во него ќе се реализираат првичните прегледи, по што лекарите ќе проценуваат на кое одделение ќе продолжи третманот, со оглед на тоа што одредени болнички служби не работат непрекинато 24 часа дневно.

„Целта ни е кога ќе се формира ургентниот центар да биде влезната врата во болницата. Планираме тие приоритетни упати да ги блокираме и влез ќе биде ургентниот центар. Тоа значи некој што има проблем во Берово или Пехчево со упат, тријажата ние ќе ја направиме бидејќи ние во моментот имаме увид кој специјалист е на работа и кој треба да се повика. Протоколите сами ќе си ги правиме“, рече Захариев.

Отворањето на овој ургентен центар претставува долгогодишна иницијатива која претходно не беше реализирана поради недостиг на соодветен кадар и просторни капацитети. Условите за реализација се создадени по пренамената на модуларната болница во специјалистички амбуланти. Штипската Клиничка болница бележи највисок индекс на сложеност на случаи во споредба со болниците во Тетово и Битола, па новиот капацитет ќе обезбеди поквалитетна здравствена заштита за околу 150.000 жители.