Цементарница УСЈЕ АД Скопје целосно ги отфрла неоснованите обвинувања, чија цел е дефокусирање на јавноста. За жал ваквиот однос не води кон решавање на отворените прашања.

Во интерес на точно и вистинито информирање уште еднаш повторуваме дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во Цементарница УСЈЕ се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат.  

Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребуваше мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Оттука, неосновано е врз основа на еден параметар, каде што беа утврдени повисоки вредности да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти.

Во меѓувреме компанијата веднаш ги имплементираше препораките на инспекторатот и направи замена на енергенсот со природен гас. За разлика од УСЈЕ, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења.

Покрај тоа мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 во кругот на Цементарница УСЈЕ, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница УСЈЕ е дури и помала од други мерни места во градот Скопје и во другите градови во земјата.

Целосна невистина е дека УСЈЕ со својата работа и претходно влијаел на загадувањето во главниот град. Тоа го потврдуваат сите наши извештаи кои се доставувани до институциите, како и независните мерења од  акредитирани лаборатории.

Со оглед на фактот, дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи.