Три дена нема вистински одговори од СДС, од ДУИ, од Владата, за бегството на осуденик за убиство и дрога, Беким Мемети од затворот Идризово, ова денеска преку прес-конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Индикативно е што сите инволвирани и одговорни за бегството, одговорни за спроведување на затвореници, за исполнување на стандрдите, се луѓе коишто високо котираат во партиските структури на СДС и на ДУИ и луѓе коишто упатуваат пораки за верност „со шефот до крај“. Ќе потсетам, Срѓан Димитриевски, полицаец со коруптивно досие, поставен за командир на смена, Љупчо Кузмановски, поставен за советник на директорот на Идризово за безбедност и спроведување, двајца истакнати верни членови на СДС. Тука се и Идриз Асани, партнер на Димитриевски за бегството, заедно на смена, член на ДУИ, а можеби и роднина на Феми Јонузи, висок член на ДУИ за Студеничани, сега заменик директор на затворот Идризово. Сите овие се луѓе со истакната верност и посветеност, беспоговорност кон барањето од политичките партии на кои што припаѓаат СДС и ДУИ. Ваквата поставеност во бегството не може да се гледа како на случајност, ниту да се исклучи партиската инволвираност во овој скандалозен случај. Оттука, од јавен интерес е по три дена, Миле Зечевиќ, генералниот секретар на СДСМ, директно посочен од Срѓан Димитриевски со пораката за верност, да каже што било договарано неколку недели пред бегството на осудениот убиец, на средбата неколку недели пред ова бегство од којашто е произлезена онаа порака и фотографија заедно со Миле Зечевиќ и Срѓан Димитриевски?, прашува Стоилковски.

Тој прашува мора Миле Зечевиќ да ја дообјасни пораката упатена до него и до инволвираните, можеби е тоа сигнал дека работата е договорена?

-Молкот од Миле Зечевиќ, од СДС, од ДУИ, од Владата, по сите овие, но и прашањата поставени изминатите три дена, е само обид за забошотување на случајот, но истовремено може да се разбере и како зелено светло за натамошни скандали, бегства и вести во делот црна хроника за рекетирања во установи и бегства од нив. Почитувани, Македонија ја претворија во држава во којашто мафијаши, убијци и дилери слободно шетаат по улиците, осуденици не се во затвор, а главната одговорност лежи во СДС и во ДУИ. Затвор во Македонија лежат, и казната ја отслужуваат само оние коишто немаат допир до СДС и ДУИ, со мафијата или се политички осуденици, вели Стоилковски.