Од понеделник, 11 март градинките во Скопје нема да примаат деца на згрижување кои не се имунизирани со вакцината ДиТеПер или се нецелосно имунизирани со оваа вакцина против голема кашлица, соопшти денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Вакцинацијата против голема кашлица во земјава се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).

Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.

На 8 март ДСЗИ ја доби Одлуката од Министерот за здравство врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи кои не се имунизирани со ДТП или се нецелосно имунизирани со ДТП.

Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник на 11 март со издавање на Решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани со ДТП или се нецелосно имунизирани со ДТП, и други наложени епидемиски мерки, се вели во соопштението на ДСЗИ.

Оттаму додаваат дека ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП.

Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје, се вели во соопшетние на ДСЗИ.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, до 29 февруари беа регистрирани 123 случаи на голема кашлица во цела Македонија, од кои 109 се во Скопје.

Од 18 јануари до 29 февруари аплицирани се 22. 395 дози вакцини.