Од вкупно 14 пожари на отворен простор регистрирани денеска во Македонија, еден сè уште е активен, два се ставени под контрола, а 11 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Најсериозна е состојбата кај селото Грешница во Општина Македонски Брод, на месноста Стојанова Населба. Огнот зафатил ниска вегетација, деградирана шума и грмушки, а противпожарните екипи работат на негово локализирање.
Под контрола се пожарите на депонијата во Делчево и кај селото Герман во Општина Ранковце, каде што горела ниска вегетација.
Во текот на денот биле изгаснати уште 11 пожари во Желино, Гостивар, Виница, Зрновци, Битола, Прилеп, Долнени, Липково, Кратово, Неготино, Кавадарци и во скопската општина Карпош.
Најчесто гореле сува трева, стрништа, грмушки, ниска вегетација, диви депонии, слама и различен отпад. Навремените интервенции спречиле пожарите да се прошират и да предизвикаат поголема материјална штета.
Од ЦУК апелираат граѓаните да не палат отпад и сува вегетација на отворено, особено во период на високи температури, бидејќи и најмала невнимателност може да предизвика голем пожар.
