Измешани чувства, но не и страв, преовладуваат кај дел од патниците кои утрово, од Атина за Солун тргнаа со патничкиот воз, прв по пауза од 34 дена по железничката несреќа кај месноста Темпи во која животот го загубија 57 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

На железничката станица во Атина, околу 80 патници чекаа да се качат во возот. Меѓу нив и странски туристи кои велат дека возовите, сатистички е докажано дека се едно од најбезбедните превозни средства, но и Грци кои често ја користат конкретната линија.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина велат нема простор за страв, возот има свои предности и ќе продолжат да го користат железничкиот сообраќај.

Драго ми е што кончено повторно функционира железничкиот сообраќај. Возот не се споредува со автобус, особено на подолги релации како што е Атина- Солун. Многу е поудобно, имаш простор да се движиш, да одиш во тоалет, вели повозрасен Грк.

Негов сопатник е и помлад граѓанин, кој патува со своето милениче за Солун за таму да ги помине Велигденските празници.

Често патувам за Солун бидејќи моите родители живеат таму. Поради кучето ќе бидам во првиот вагон, но нема простор за страв. Тоа е и пораката што сакам да ја испратам, дека не треба секогаш кога се случува нешто да го избегнуваме и да се плашиме, вели еден од патниците.

Повозрасна Гркинка потенцира дека по несреќата треба многу работи да се сменат, да се подобри железничкиот сообраќај и истакнува дека нормално е по ваква трагедија да постои страв кај луѓето.

Со оглед на тоа дека од директниот судир на двата воза во железничката несреќа на 28 февруари, најпогодени беа првите вагони, сега, некои од патниците, иако веат дека не чувствуваат страв, сепак одбрале седишта во последните вагони.

Патничкиот воз е планирано да се движи со намалена брзина во споредба со претходно и затоа до Солун ќе патува пет и пол часа наместо четири часа и 20 минути колку што беше претходно.

После градот Лариса, возот ќе помине и од делот каде што се случи несреќата, а се очекува машиновозачот да ја намали брзината за да им оддадат почит на загинатите.

Рано утрово, тргна и првиот патнички воз за Калабака со 200 патници, а меѓу нив беше и државниот министер кој сега ја извршува функцијата министер за транспорт и инфраструктура, Јоргос Герапетритис