Привршува рехабилитацијата на регионалниот пат од Битола кон грчка граница кој цели 40 години не беше реконструиран. Патот со години беше полн со дупки и крпеници, и не беше безбеден за сообраќај, објавува СакамДаКажам.

Министерот Благој Бочварски денес изврши увид на градежните работи и најави дека до октомври ќе биде и официјално пуштен во употреба. Реконструкцијата на 12, 7 километри пат чини 3, 27 милиони евра, пари обезбедени од ЕБОР.

Бочварски уште најави дека напролет ќе биде готов и експресниот пат со делницата Градско – Дреново и Дреново- Фариш.

„Убеден сум дека тој пат ќе значи подобро инфраструктурно поврзување на овој крај со Скопје, ќе ја зголеми економската активност на овој регион и ќе ја зголеми безбедноста. Таму се одвиваат силни градежни активности. Вториот тунел е пробиен, се минира теренот, на првата делница Градско- Дреното се започнати асфалтните работи, нема застој“, рече Бочварски.