Речиси 300 милиони евра, пари наменети за капитални проекти ќе завршат за повисоки плати и пензии. Владата го скрои ребалансот на буџетот. Приходната и расходна страна не се менуваат, дефицитот останува 4,6%, инфлацијата 8,9 отсто од БДП.

18 милијарди денари предвидени за капиталните проекти кои имаат послаба реализација ќе се пренаменат за 10% зголемување на платите во јавниот сектор –  69 милиони евра, 57 милиони евра за зголемување на пензиите за 6%, 13 за субвенции за млекопроизводителите, 74 милиони за антикризни мерки.

Какви мерки ќе бидат донесени, министерот Бесими најави дека ќе бидат објавени штом се донесе одлука.

– Во 9 пакет антикризни мерки ќе има пари за поддршка во енергетиката и за ранливите категории граѓани. Знаете, јас не сакам да најавувам што ќе содржи пакетот, пред да биде донесен. Владата и ние како министерство и останатите министерства работат на тоа, имаме драфт верзии, но ќе бидат објавени кога ќе се усвои владата, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.

Намалената наплата на приходи од ДДВ во буџетот ја смали и проекцијата во ребалансот. Наплатата ќе биде за 97,6 милиони евра или 6 милијарди денари пониска од првично предвидената. Но Бесими уверува дека овие пари ќе се надполнат со пари од Солидарниот данок и повисоката наплата на другите даноци.

– Овие 6 милијарди денари ќе се надополнат со 3 милијарди денари, пари предвидени од Солидарниот данок, 1 милијарда денари од поголемата наплата на данокот на личен доход и 2,7 милијарди денари повисока наплата на данокот на добивка, додаде Бесими.

Инаку во ребалансот предвидени се пари и за набавка на лекот Трикафта за 55 пациенти, за сензори за мерење шеќерна болест, редовно плаќање на породилните остуства, набавка на амбулантни возила, за превод и печатење на учебници, студенски стиипендии и студентки оброк, за поддршка на пензискиот систем, за справување со африканска чума, како и за помош и поддршка на странските и домашни компании.