Општина Кисела Вода го објави повикот до граѓаните за субвенционирање на дел од трошоците за купување на дрва за огрев.

Од денес, па во наредните 15 дена жителите на општината кои набавиле огревно дрво во периодот од 01 април 2022 година до денес, можат да аплицираат за финансиски надомест во износ од 500 денари за секој купен метар кубен (1 m³) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри (10 m³). Заедно со останатата потребна документација, треба да се достави доказ- потврда, испратница или официјален документ кој го потврдува купувањето на дрва за огрев.

Исплатата ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен, се до исцрпување на средствата, обезбедени од Буџетот на општината во висина од 1.200.000,00 денари.

Јавниот повик заедно со потребната документација е достапна на веб страницата на Општина Кисела Вода на следниот линк:

http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/2-uncategorised/3453-2022-10-19-08-36-05

Сите дополнителни информации може да се добијат на телефон: 02 2785-427.

Покрај субвенциите за огревно дрво, Општина Кисела Вода веќе обезбеди донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, како и субвенција за купување печки на пелети, со цел во услови на претерано зголемени цени на енергенсите, граѓаните полесно да го поминат зимскиот период. Воедно, оваа локална самоуправа го започна и проектот “Грижа и сигурност за секое дете”, кој содржи социјални мерки за финасиска поддршка на социјално загрозените и еднородителските семејства. Преку него, децата од овие социјално ранливи категории добиваат ослободување од партиципација за трошоците за згрижување во јавните детски градинки, субвенционирање на дел од цената за месечниот оброк за ученици од прво до трето одделение во основните општински училишта, како и бесплатни курсеви за странски јазици, информатика и спорт.