Мина повеќе од месец, но уште нема ни трага ни глас од 26-годишниот Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошкоски. Ниту паричната награда што неговото семејство ја понуди за информации не им донесе добра вест за Самоил.

Неговата сопруга и татко му за Канал 5 раскажуваат оти надеж дека не му се случило најстрашното имаат, но незадоволни се од надлежните, чија истрага, како што велат, како да пропаѓа во жив песок.

Сопругата на Самоил, која е бремена, низ солзи раскажува дека се моли и посакува тој за Велигден да си дојде дома, жив и здрав, а нејзината тригодишна ќерка, на прозорец го чека татко ѝ секој ден.

„Само да го вратат, значи, побрзо да се врати дома. Што и да се случило, има решение за се. Малечката го бара секој ден, секој ден плаче… Јас на себе не можат да си објаснам дека го нема, или дека нешто се случило, а не на дете од три години да му објаснам. Значи, кои и да сте, да се врати здрав и жив, за се има решение, се може да се реши. И парична награда се нуди, само да дознаеме дека е жив. Месец дена живееме во агонија, ниту знаеме дека е жив, ниту пак имаме информации за него.“

Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски, кажа дека се сомнева оти некои од надлежните во институциите ги штитат виновниците, па додека, како што вели, истрагата е во „ќор-сокак“ бидејќи приведените се бранеле со молчење, неговиот друг син, сам се обидува да дознае што се случило со брат му. Според сознанијата на семејството, околу автомобилот со кој било извршено киднапирањето, што после три дена било запалено во атарот на селото Драчево, имало докази кои воделе до сторителите.

„Мојот син отиде кај тоа возило таму, кај Три круши во село Драчево, каде што е запалено. Таму, во моментот имаше најдено траги на друго возило. Додека едното горело. Тој што го возел „волвото“ не бил сам, позади него имало уште едно возило, што одело да го земе, да го врати назад од местото на сторување на делото. Имаше траги оставено, бидејќи предходниот ден врнеше дожд, па имаше траги на тоа возило кое се движело, што го земало.“

Нови детални информации, за да не се наштети на истрагата, не откриваат ниту од Обвинителството, ниту од МВР. Од Обвинителството за Канал 5 кажуваат дека интензивно се работи на пронаоѓање на лицето, а потоа и испитување на евентуална кривична одговорност.

„Од исчезнувањето на лицето до денес постојано се обезбедуваат докази и се вршат проверки и распити на лица кои со своите сознанија придонесуваат за расчистување на настанот. Врз основа на доказите обезбедени до овој момент, поведена е истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија на грабнување на лицето. По предлог на надлежниот јавен обвинител на осомничените им е определена мерка притвор.“….велат од Обвинителството.

Засега не е познато дали приведените се единствените инволвирани во случајот со исчезнувањето на внукот на Љубе Бошкоски.