Невладини организации, експертски друштва, политички партии се само дел од јавноста која реагира пред утрешното гласање во Собранието на измените на девет закони поврзани со изградбата на автопатиштата долж Коридорите 8 и 10д. После Македонското арехеолошко друштво (МАД) денеска со реакција излегоа и од Платформата на граѓански организации за борба против корупција како и од комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ и од Левица. Во изјава за МКД.мк претседателот на Македонското археолошко друштво (МАД), Орданче Петров кажа дека иако сѐ уште не се знаат точните траси експертите веруваат дека сугирно ќе биде пронајден некој археолошки локалитет. Затоа од МАД за утре наутро најавија протест пред Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се гласаат предложените измени на законите поврзани со изградбата на автопатиштата.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска во отворено писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, бара целосно повлекување на дневниот ред на утрешната седница закажана 11 часот.

„Платформата укажува дека пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правниот поредок во државата. Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија, и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот. Носењето специјален закон, како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, уште од самиот почеток вклучуваше ризици од корупција, бидејќи ги заобиколуваше општите закони, на што укажа и Платформата во тогашната реакција, а кон критиките се придружија и други домашни и странски чинители“, пишува во писмото упатено Џафери.

Оттаму велат дека се изненадени дека на утрешната седница се предложени измени на повеќе закони по скратена постапка, а поврзани со неговото извршување.

„Ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат. Земајќи го сето ова предвид, Платформата инсистира на повлекување на точката од дневен ред на седницата и повикува на сеопфатна анализа и јавна расправа за тоа колку и кои ќе бидат засегнатите страни со овие предложени решенија, за да се ограничат можностите од корупција иницирани со дерогирање на постоечката законска регулатива на земјата. Граѓаните заслужуваат анализа и отчет во законодавната пракса, а со цел зачувување на владеењето на правото“, велат од Платформата.

Од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ во денеска објавената анализа пишуваат дека предлог-законот за заштита на културно наследство е лошо изготвен со бројни грешки, што ја намалува неговата веродостојност, и претставува општо повторување на една флоскула „државен и јавен интерес“.

„Државниот интерес сепак не треба да биде изговор за да се оштетат или уништат бројни локалитети, бидејќи и тие претставуваат државен интерес. Како и во случајот со другите патишта кои во моментов се изведуваат, така и тие вклучени во проектот „Коридори“ можат постепено да се реализираат со претходно истражување на локалитетите и почитување на веќе постоечкиот Закон за заштита на културното наследство. Тоа воедно ќе донесе финансиски бенефити за градежните компании и институциите т.е. истражувачите на културното наследство, така што „државниот интерес“ нема да биде едностран туку ќе се однесува на сите вклучени категории во реализацијата на ваков проект. Во најголема мера, примената на „општиот државен интерес“ ќе оди во прилог на разбирањето, заштитата и промоцијата на културното наследство, што може да има дополнителни приходи во државата“, пишува во изготвената анализа.

Според комисијата вака предложените измени на законот во пракса ќе предизвикаат големи штетни последици.

„Освен уништувањето, ќе има реакции и правни процеси кои дополнително ќе ја успорат реализацијата на проектот и непотребно ќе го обременат буџетот на државата. Во дел од измените се укажува дека археолошкото откритие ќе се зачува и обезбеди на самото место на откривање. Така што овие точки се контрадикторни на суштината на предлогот во овој закон, бидејќи повторно бараат да се зачува културното наследство. Опасниот дел во овој предлог-закон е што во еден негов дел се посочува дека заради подобра заштита изведувачот на работите треба да ги предаде ископаните предмети и релевантните податоци до кого и да е (не е посочено до кого). Тоа ќе им овозможи на изведувачите да уриваат локалитети под изговор дека се грижат за културното наследство само на “некого” да ги предаваат предметите што тие самите ќе ги регистрираат.  Ваквата паушалност упатува на тоа дека предлагачите на промените на законот воопшто не се од градежната фела, ниту пак консултирале претставници од институции на културата поврзани со заштита на културното наследство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Левица пак велат дека со овие предлог-закони, номинираниот стратешки партнер „Бехтел и Енка“, како и „сите учесници во овие проекти ќе добијат бројни даночни, царински олеснувања и дополнителни народни пари и привилегии“.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес се овозможува ослободување од данок на додадена вредност (со право на одбивка на претходен данок) и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги кој е извршен кон Инвеститорот од страна на Стратешкиот партнер, како и прометот кон Стратешкиот инвеститор за цели на проектот од овој закон.

„Исто така, со предлозите се предвидува ослободување од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила („pick-up“ возила) на увозот кој е извршен од страна на Стратешкиот партнер за целите на овој проект. Потсетуваме дека контроверзниот американско-турски конзорциум „Бехтел и Енка“ беше номиниран за стратешки партнер за имплементација на проектите за изградба на коридорите 8 и 10 Д во јули 2021 година. И покрај многубројните остри критики и иницијативата на ДКСК за оспорување на овој закон (затоа што ги крши уставните начела против монополската положба) Уставен суд ја отфрли иницијативата на Антикорупциската комисија. Левица беше против специјалниот закон кој беше изгласан во Собрание, со што американско-турскиот конзорциум ја доби изградбата на Коридорот 8 без спроведување тендер. Без транспарентна постапка за јавни набавки, „Бехтел и Енка“ стана стратешки партнер со монополска положба. Со овој предлог закон се овозможува дополнително да профитираат и инвеститорот и стратешкиот партнер на штета на државата и македонските граѓани, со што ќе ги бетонираат стекнатите монополски права, преку низа даночни и царински ослободувања на сметка на Буџетот во најголемата економска криза“, велат од Левица.

Оттаму уште предупредуваат дека еден од законите кој што ќе претрпи измена е Законот за пренамена на земјоделско земјиште, каде, за потребите на „Бехтел и Енка”, се предлага „пренамената на земјоделско во градежно земјиште да се врши само врз основа на еден член од законот – значи со законска одредба, без притоа да се бараат било какви дозволи или одобренија од државни органи или институции.Ова важи како за државно, така и за приватно земјиште“.

Во изјава за МКД.мк претседателот на Македонското археолошко друштво (МАД), Орданче Петров кажа дека иако сѐ уште не се знаат точните траси експертите веруваат дека сугирно ќе биде пронајден некој археолошки локалитет.

Затоа од МАД за утре наутро најавија протест пред Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се гласаат предложените измени на законите поврзани со изградбата на автопатиштата.