Министерката Каја Шукова е еден од главните кадри во сегашната Влада од чиј „суд“ зависи дали Македонија ќе се развива или ќе тоне во економска депресија и долгови од кредитно задолжување за сервисирање на основните буџетски функции, плати, пензии, јавно здравство, лекови на позитивна листа… Нејзиното однесување е во најмала рака симптоматично, недолично и недозволиво површно. Во една прилика е загрижена за земјоделството и заради ЕУ фондовите во аграрот, изјавува дека рударството мора да биде прекинато. Истата Каја Шукова на денот на рударите пак изјавува нешто сосема спротивно, цитирам: „Рударството е важно за развојот на индустријата на една држава, преку вложување во луѓето, соодветни услови за работа, но и вложување во општеството“. И ај сега, фати и’ го крајот!
Пишува: Виктор ГРОЗДАНОВ
Затоа, јас сум принуден како сожител со нормалните кои сакаме инвестиции во сите сфери, економски, социјални и еколошки, да го предупредувам општеството што се случува во реалноста. Се надевам дека после оваа колумна Каја Шукова ќе почувствува потреба да објасни на Премиерот Димитар Ковачевски, Министрите, Оливер Спасовски и Славјанка Петровска, дали јас зборувам глупости или вистина од која се крева косата на главата.
Темите се: „Прашкасто загадување“ и „Сомнителен отпор“.
Тема број 1 – Прашкасто загадување
Стимулативно прашање: Во кругот на која фабрика се складира таканаречена „филтерска прашина“, со која е загрозено здравјето и животот на повеќе од 100.000 наши граѓани?
Станува збор за огромен и многу опасен скандал. Станува збор за депонија од отворен карактер во која се складира отпад, за кој има сериозни сомневања дека содржи одредено ниво на радијација, заради што мора да биде третиран во херметички затворени садови.
Наспроти тоа во оваа фабрика прашината со тежина од околу 40.000 тони е складирана на отворено без никаква заштита.
Второ стимулативно прашање: Кој и со чие знаење е заинтересиран и договара бизнис со Руси кои имаат фирми на Кипар со извесен Андреј К.?
И сега како Каја Шукова заедно со своите најблиски соработници ќе објаснат како е можно во земја членка на НАТО Алијансата, како што е Македонија, да извесни Руси товарат 3.000 тони од фабриката, како демек е тест, па ќе го складираат во несоодветен транспорт со лажни вреќи набавени од Италија, да го транспортираат до пристаништето во Солун, па во меѓународни води да направат промена на документите и лажно да претстават дека товарот доаѓа од Турција, а истиот наводно ќе заврши во Иран.
Министерка за животна средина, која јавно пропагира дека новите рудници се штетни по здравјето, знае или заради нејзините изворни надлежности морала да знае, дали во Македонија некој ја крши Базелската Конвенција и тоа со радиоактивен отпад. Станува збор за сериозни кривични дела!
Тема број 2 – „Сомнителен отпор“
Дали постои друг пример во светот каде највисоката академска институција може да напише и да промовира стратегија со која ја брани застарената технологија од 70-тите години на минатиот век за сметка на модерна технологија од 21 век, со заклучок дека старите рудници во Македонија може да опстојуваат, а новите се штетни? И дали постои научно образовна институција и законодавен дом кои координирано ќе донесат закон дека може да постојат само стари рудници и за нив подготвени наоѓалишта, а во случајов МАНУ ќе потврди дека е така? Не. Само во Македонија. Никаде на друго место.
Министерката Каја Шукова треба да и’ објасни на јавноста со кои мотиви му се спротистави на својот колега во Владата, Министерот за економија Крешник Бектеши, кој заради спојувањето на концесиите за рударскиот комплекс Иловица – Штука, беше брутално скандализиран заедно со веќе видените напади поврзани со неговата етничка припадност. Да објаснам. Крешник Бектеши е еден од неколкумината Министри за економија од различни политички партии кои потпишаа директни 800 милиони евра инвестиција онаму каде живеат Македонци. И тоа не само во Струмица – рудникот Иловица (360 милиони), туку плус и во Валандово во рудниците Казандол и Плавуш (100 милиони) и Петрошница, Старо Нагоричане (380 милиони и повеќе). Толку околу приказните дека му било лесно на Бектеши да одлучува за средини каде не живеат Албанци. Демек, ваму ќе се труеле Македонци, а не Албанци. Многу вешто смислено, бидејќи емотивно погодува во целта и веднаш ја замаглува диоптријата за разумно анализирање на економските ефекти од новите рудници.
Кога Крешник Бектеши се заложил за спојување на концесиите за Иловица-Штука започнуваат постапките по научна основа за тоа како се експлоатираат рудните наоѓалишта:
Истражување и извидување за утврдување на местоположбата, големината и вредноста на лежиштата;
Проценка на ресурсите со математички пресметки за количината и класата;
Изготвување на претпроектна студија со цел да се утврди теоретската стопанска корист од рудникот. Со ова се одредува дали треба да се вложува во понатамошни истражувања и се востановуваат главните ризици што би произлегле од тоа;
Изготвување на проектна студија за финансиската исплатливост, техничката изводливост и финансиските и техничките ризици. Во овој момент се решава дали проектот треба да оди понатаму или да се напушти. Тука се смета на планирање на рудникот со моделирање на искористливиот дел, металуршките процеси, пазарната побарувачка и вредност на рудата, трошоците на инженерските и техничките работи и инфраструктурата, финансиските услови и анализа на животниот век на рудникот.
Проценка на влијанието врз животната средина
Градежни работи, поставување на инфраструктура и вградување на опрема
Работа со рудникот (експлоатација)
Рехабилитација на земјиштето за негова поинаква употреба во иднина
Дали верувам дека Каја Шукова има политичка храброст да донесе правилна одлука за иднината на Македонија? Се’ кажав на почетокот. И да, уште опстојувам на барањето за ТВ дуел, и да, многу сум упорен. Особено, кога верувам во тоа што го бранам!
Рударството е натпартиска работа затоа што имплементацијата на секој нов проект во овој сектор опфаќа повеќе мандати на различни Влади. Овие проекти мора да бидат надвор од дневната политика и не се теми на кои се печалат гласови со предизборен популизам. За одредени одлуки е потребна политичка храброст особено ако надлежните имаат способност да гледаат подалеку во иднината.
Во Македонија живееме еден парадокс.
Власта и клучните политички фактори стравуваат да застанат зад проекти кои ќе и’ овозможат на државата да стане економски независна. Апсурдот да биде поголем, клучните индивидуи самите дозволуваат да станат заложници на неколкумина лажни еко активисти кои прават привид дека зад нив стојат илјадници граѓани. Или, можеби така им одговара за да не носат тешки одлуки во нивниот мандат. А пустото, еве на пример, во Струмичката котлина, особено во руралните средини, се’ помалку млади може да се сретнат, затоа што повеќето се иселени во туѓина во потрага по егзистенцијата. Македонија станува пустелија бидејќи политичарите се расправаат најмногу за работи кои не ја менуваат суровата реалност. Како да заборавија на визијата за развој за која им се полни устите во предизборните кампањи. Е овие лажни еко активисти имаат скриена агенда. Тие искрено не се борат за здрава животна средина. Тие одработуваат за задржување на „статус кво“ состојба од која некој дебело профитира, а и малкумина од овие се задоволни, бидејќи им дозволуваат да стават по некое прсте во кајмакот. Затоа и во оваа колумна се занимавав со министерката за животна средина. Не затоа што сум опседнат со неа (скраја да е), туку затоа што нејзиното поведение е типичен пример за политички страв или стручна неукост која многу скапо го чини ова општество.
Денес за жал после моето објаснување на две теми кои јас ги нареков „Прашкасто загадување“ и „Сомнителен отпор“ може слободно да кажам дека иднината на нашите деца е заложник на политичари кои едно зборуваат во јавност, а сосема друго прават во тајност.
Кажав на почетокот на овој мој циклус на колумни посветени на рударството како ќе терам. Јас сум дел на група која заедно со повеќе професори ја промовира металургијата и комплетната индустријализација на Македонија и затоа се подготвуваме за разговори со:
Здружение на металурзи
Машински Факултет Скопје
Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)
Рударски институт…
Други (за сега ги држиме во тајност)
П.С. за оние лажните еко активисти да не мислат дека сум ги заборавил. Јас уште се загревам.