Охрид утре, 9 август, ќе биде првата станица на големиот музичко-сценски проект „Силно светнал ден“, создаден по повод одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Настанот ќе се одржи на стадионот „Билјанини Извори“, а влезот за посетителите е слободен.

Проектот ќе го предводи Игор Џамбазов, кој ќе биде главен лик, домаќин и раскажувач, додека режијата е на Дејан Пројковски. Преку музика, театар, поезија, танц и современ сценски израз, публиката ќе биде водена низ различни периоди и генерации од македонската историја и култура.

На сцената во Охрид ќе настапат повеќе од 30 македонски изведувачи од различни генерации и музички жанрови. Меѓу нив се Тамара Тодевска, Пере од „Нокаут“, Игор Дурловски, Пеце од „Суперхикс“, Елена Ристевска, Андријана Јаневска, Миле Кузмановски, Тони Зен, „Некст Тајм“, Таско и други.

Концептот на спектаклот е 35-те години независност да не бидат претставени само како хронологија, туку како приказна во која се поврзуваат минатото, сегашноста и иднината. Дел од програмата е посветен и на македонската книжевност и културното наследство, како и на новите генерации.

Програмата на „Билјанини Извори“ започнува во 19:30 часот со диџеј-сет, додека официјалниот музичко-сценски спектакл е закажан за 20:30 часот.

По Охрид, „Силно светнал ден“ ќе продолжи низ уште македонски градови. Проектот ќе опфати вкупно 11 градови, а завршниот настан е предвиден за 4 септември во Скопје.