Цените на роаминг тарифите за пренос на податоци меѓу ЕУ и Западен Балкан од октомври годинава значително ќе се намалат, соопшти денеска Министерството за информатичко општество и администрација, пренесувајќи ја објавата од Европската комисија дека телекомуникациските оператори постигнале договор да го направат подостапен роамингот за граѓаните и бизнисот во двата региона, врз основа на Декларацијата за роаминг потпишана на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во декември лани во Тирана.
Се очекува со ова ограничување на цените за роаминг за пренос на податоци значително да се поттикне развој на бизнисот, туризмот и да се зајакнат врските помеѓу ЕУ и Западниот Балкан. Во моментов операторите работат на создавање на производи со цени под договорените ценовни ограничувања за да бидат достапни за што поголем број потрошувачи, информираат од МИОА.
Во јули 2021 година се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан, по што следуваа активности за намалување на роаминг тарифите меѓу ЕУ и Западен Балкан од Советот за регионална соработка, Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан.