Синдикатите на ЈСП денеска предупредија дека доколку Советот на Град Скопје не донесе одлука за субвенционирање на претпријатието од понеделник нема да има градски превоз, освен можеби за децата кои ќе тргнат на училиште.

Претседателот на еден од трите синдикати во Миќо Стојановски, посочи дека обврските кон корисниците на услуги се исполнети, но дека вработените во ЈСП немаат земено плата од декември.

-Истата приказна е морбидно и болно да ја повторуваме, меѓутоа мораме да се избориме за нашите права од работен однос. Вработените во ЈСП Скопје своите работни задачи ги извршуваат согласно планот на Град Скопје тие обврски кон нашите корисници на услуги се завршени, меѓутоа обврските кон вработените во ЈСП намерно или ненамерно не се исполнуваат, така и со декемвриската плата која во законскиот рок требаше да биде исплатена до 15 јануари, но тоа градот и советот не го направија, појасни тој.

Побара од Советот на Град Скопје да се состанат во наредите денови.

-Замолуваме во текот на денешниот, утрешниот ден, сабота и недела, иако е голем празник Водици, Советот на Град Скопје може да се собере и да ја донесе одлуката како што ја донесе одлуката за буџетот така да ја донесе и одлуката за субвенционирање на јавниот градски превоз во висина од 11 милиони евра за целата 2024 година, доколку тоа не се случи од понеделник ќе нема јавен превоз. Единствено може да се случи во договор да одлучиме да одат оние линии со кои децата одат на училиште. Кога зборуваме за буџетот кој Град Скопје го определува за субвенциите на ЈСП можеме да кажеме дека не е донесен, иако се работи за средства што требаше градот да ги обезбеди за 2023, но тие средства се пренаменети за други капитални инвестиции во градот Скопје и вработените се без плата од декември, изјави Стојановски.

Порача да престане осиромашувањето на претпријатието и на долговите кои се таложеле секој месец.

-Нека не остават и од Град Скопје и Советот, нека не остават сами да си го створиме приходот, не бараме субвенции, не бараме никаква помош од градот и државата, туку ние да управуваме со нашето претпријатие како што беше пред да почне плурализмот и демократијата во Македонија. Сега важиме ние за фирма каде се примаат партиски кадри, каде на одредени места се поставени несоодветни луѓе, но мора и нив да ги штитиме, тие се наши колеги, оставете не сами да креираме политика, тарифен систем на линии, цена на превоз на билетот и слично и ќе видите дека можеме сами да опстојуваме, порача тој.