Прославата на Водици секогаш има свој посебна атмосфера во Охрид кога светиот крст се фрла во водите на Охридското Езеро. Но, оваа година временските услови нема да бидат на страната на фаќачите, па затоа малку потешко ќе може да стигнат до светиот крст.

Охрид е подготвен за уште едно достоинствено одбележување на верскиот празник Богојавление-Водици. Центарот на градот и пристаништето се украсени со зеленило, верски и државни знамиња, а возбудата се чувствува низ чаршијата и во секој дом на охриѓани, особено во стариот дел од каде што потекнува традицијата за положување на чесниот крст во езерото.

Охрид подготовен за Водици: Хотелите сѐ уште недоволно се исполнети

Младите се подготвуваат за утрешниот верски церемонијал и секој од нив очекува дека прв ќе стигне до крстот. Учесник во црковната манифестација даде свој краток коментар.

„Скокам по чесниот крст од мојата 14-та година. Се капам за овој ден откако знам за себе, но активно пливам веќе 7-8 години“, вели Круме Балески за МРТ.

Од охридскиот Црвен крст упатија препораки до капачите да бидат внимателни, бидејќи температурата на водата е 8 степени, а на воздухот 9.

„Пред влегување во водите на Охридското Езеро да не се консумира алкохол. Никако, алкохолот ја намалува телесната температура неколкукратно. Пред влегување да внимаваат, да носат обувки на нозете и да не се задржуваат подолго од 3 минути“, изјави Сашо Точков кој е претседател на Црвен крст-Охрид.

Попладнево во Охрид се влошија временските услови, дува силен југ што предизвикува големи бранови. Слично ќе биде и утре, така што фаќачите на крстот ќе имаат многу потешка задача отколку во минатото.