Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, направи поширока политичка анализа за односите со Бугарија и процесот на европска интеграција, посочувајќи дека бугарското условување на Македонија започнало во март 2020 година и дека клучните одлуки биле донесени во периодот на претходната влада.

Николоски нагласи дека неговата оценка за Бугарија не треба да се сфати како алиби за постапките на Софија, туку како обид да се прикаже политичкиот контекст во кој Македонија се нашла на патот кон ЕУ.

„Проблемот со Република Бугарија претходно не постоеше. Првото условување почна во март 2020 година, среде корона криза“, рече Николоски.

Според него, пред бугарското вето, Македонија веќе се соочувала со сериозни проблеми во процесот на евроинтеграциите. Тој потсети на 2018 година и потпишувањето на Преспанскиот договор, по кој, како што рече, тогашната влада очекувала брзо добивање датум за преговори со ЕУ.

Николоски посочи дека договорот бил потпишан на 17 јуни 2018 година, а само неколку дена подоцна, на 29 јуни, следувал самит на Европската унија на кој тогашната власт очекувала да добие датум за почеток на преговорите.

„Ветија дека ќе почнат преговори, брзаа да го потпишат договорот на 17 јуни, за на 29 јуни истата 2018 година да има самит на Европската унија, каде што очекуваа дека ќе добијат датум за преговори. Датум не добија“, рече Николоски.

Тој потсети дека тогаш Европската унија поставила три клучни области во кои Македонија требало да постигне напредок – борбата против организираниот криминал и високата корупција, реформата на јавната администрација и реформата на тајните служби.

Според Николоски, рокот бил до летото 2019 година, но освен реформата на безбедносниот сектор, во другите области, како што тврди, немало суштински напредок.

„Во другите две работи не се случи ништо. Напротив, се случи да се преполни јавната администрација“, оцени тој.

Како пример за состојбата со борбата против корупцијата, Николоски ја посочи аферата „Рекет“ и случајот со тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

„Се случи еден од поголемите корупциски скандали во државата, кога специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше фатена со торба со пари“, рече Николоски.

Тој додаде дека токму во 2019 година Европската унија оценила дека Македонија не напредувала доволно за да добие датум за почеток на преговорите.

„Европската унија рече: ‘Нема датум за почеток на преговори, затоа што не само што не напредувавте, туку назадивте’“, изјави Николоски.

Вториот период во неговата анализа го опфати од март 2020 до летото 2022 година, кога, како што рече, Бугарија го поставила прашањето како услов за понатамошниот напредок на Македонија во европските интеграции.

Николоски посочи дека во тој период тогашната влада се соочувала со политичка нестабилност и два изборни порази на СДСМ, а во 2022 година, според него, за да остане на власт ги прифатила барањата поврзани со бугарското прашање.

„И за да останат, 2022 година, потпишаа сè што Бугарија побара, вклучително и уставни измени. Потпиша влада којашто беше цело време на раб на мнозинство“, рече Николоски.

Тој нагласи дека тогашната влада имала мнозинство од 61 или 62 пратеници, додека за уставните измени биле потребни 80 пратеници, а опозицијата, како што потсети, јасно се изјаснила дека нема да ги поддржи.

„Влада со 61, 62 пратеници потпиша дека ќе направи уставни измени за коишто се потребни 80 пратеници, без да ја консултира опозицијата, со наш јасен став дека тоа нема да го поддржиме, и ги закопаа европските интеграции на државата“, оцени Николоски.

Според него, парадоксално е што истите политички структури денес ја обвинуваат актуелната власт дека е против европските интеграции.

„И сега, истава политичка партија, со истиве луѓе, без разлика дали формално или неформално, ја водат партијата, нас не обвинува дека ние сме биле против европските интеграции. Се извинувам, ама ова е перверзно“, рече Николоски.

Во контекст на тогашните разговори со европските претставници, тој откри дека неформално разговарал со тогашниот европски амбасадор во земјава, кој, според неговите зборови, му кажал дека Артан Груби, Бојан Маричиќ и Димитар Ковачевски го убедувале оти можат да обезбедат двотретинско мнозинство за уставните измени.

„Се сеќавам многу добро на тоа време“, рече Николоски.

Во продолжение, вицепремиерот ја отфрли тезата дека актуелната влада е причината за застојот во европската интеграција, посочувајќи дека власта, како што рече, наследила низа проблеми од претходниот период.

Тој наброја проблеми во инфраструктурата, железницата, здравството, јавните услуги, но и, како што оцени, нарушено национално достоинство и тргување со национални интереси.

„Дали се работи за затворен пливачки базен? Дали се работи за отпочнати, па заглавени автопати? Дали се работи за железница каде што нула функционални локомотиви имаше 2024 година, кога бевме избрани? Дали се работи за здравство во колапс или се работи за комплетно погазено национално достоинство, тргување со национални интереси и така натаму? Ние секаде се бориме“, рече Николоски.

Тој оцени дека актуелната власт, според него, работи во поинаква политичка средина и дека во фокусот се теми кои ги оцени како нормални и секојдневни – функционирањето на железницата, хигиената, испитите на машиновозачите и растот на пензиите.

Во завршницата на анализата, Николоски призна дека Македонија во моментов нема напредок во европските интеграции, но оцени дека главната причина е прашањето со Бугарија.

„Факт е дека ние немаме напред околу европските интеграции. Единствено поради Бугарија и прашањето со Бугарија, тоа е факт. Секој извештај на Европската комисија да го прочитате. Тоа е тоа“, рече Николоски.

Тој додаде дека актуелната власт се соочува со потребата да најде модалитет за решавање на проблемот, притоа, како што нагласи, да не се загрози македонскиот идентитет и националните интереси.