Регулаторната комисија за енергетика денеска во напната атмосфера ги прави последните пресметки. Се завршува чешлањето на трошоците на енергетските компании кои ги доставија до регулаторот. Дополнително, сега се пресметува и понудената цена на ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум, но и останати елементи кои влегуваат во составот на крајната цена.
-Во вторник ќе се одржи подготвителна седница на која ќе се разгледаат отворените прашања со сите претставници на енергетските компании, а во среда ќе се донесе одлука на главна седница, велат од РКЕ.
Власта смета дека нагорна корекција на цената на електричната енергија нема да има. Како образложение за тоа ја наведуваат цената која државната ЕСМ ја понуди на тендерот на универзалниот снабдувач и тоа за седум отсто пониска од ланската понуда.
-Моето очекување е дека ќе нема зголемување на цената, но еве да почекаме уште некој ден додека Регулаторната комисија за енергетика го даде конечниот став, изјави Фатмир Битиќи вицепремиер за економија.
На тендерот на Универзалниот снабдувач, државната ЕСМ за следните шест месеци понуди цена од 36,1 евро за мегават часови, или за седум отсто пониска цена од понудената лани која беше 38,8 за мегават час. Државните електрани за вторите шест месеци од годинава ќе ги обезбедат сите потребни количини струја за граѓаните, односно на тендерот понудија 100 отсто од потребите на универзалниот снабдувач.
Што се однесува до намалениот ДДВ на електричната енергија од 18 на пет отсто, за граѓаните тоа правило ќе важи од следниот месец, што значи дека сметките ќе бидат пониски за 13 отсто во јули поради понискиот ДДВ.