Мавровско Езеро и водотеците на територијата на Националниот парк „Маврово“ се збогатени со нови количини рибен подмладок. Во рамки на предвидениот Годишен план за порибување, во водите биле пуштени вкупно 400 килограми риба, распределени на 200 килограми пастрмка и 200 килограми крап.

Од управата на Националниот парк „Маврово“ информираат дека оваа активност претставува редовен дел од нивните континуирани мерки за заштита, унапредување и долгорочно одржување на рибниот фонд, како и за сочувување на биолошката рамнотежа во локалните водни екосистеми.

„Заштитата на водите и рибниот фонд се наша заедничка одговорност. Со почитување на правилата и одговорно однесување, придонесуваме за зачувување на природното богатство на паркот“, наведуваат од НП „Маврово“.

Паралелно со зарибувањето, од утре стапува на сила двомесечна забрана за риболов на крап (Cyprinus carpio) во рекреативната зона на езерото. Ваквата одлука е донесена од страна на ресорниот министер врз основа на барање поднесено од раководството на националниот парк, а рестрикцијата ќе важи сè до 31 декември 2026 година.

„Целта е да се овозможи успешно приспособување, распространување и раст на порибените единки во природните услови на Мавровското Езеро, со што се придонесува кон зачувување и обновување на рибниот фонд“, велат од НП Маврово.