Цените на рафтовите во маркетите и денеска исти. Тестенините и млечните продукти, граѓаните ќе ги купуваат со намалени цени за 10 до 15 отсто, од утре.
Вицепремиерот Битиќи смета дека производителите го чекаат последниот рок за да направат корекции. А, доколку тоа не го сторат утре наутро, Владата сама ќе ги одреди и замрзне цените.
„Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и кога е за добра работа. Мислам дека го чекаат последниот ден, но утре наутро ќе ги видиме цените. Ако производителите и трговците сами не реагираат, пораката е јасна. Граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните.“ изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Битиќи посочи дека се прават анализи и за цените на другите продукти. Под лупа освен оризот, јајцата и шеќерот, се и овошјето и зеленчукот. За тие производи граѓаните и најмногу реагираат дека се драстично поскапени.
Во изјава за државната новинска агенција, и министерто за економија Бектеши потврди дека во Министерството се прават дополнителни анализи на податоците за евентуално проширување на одлуката на Владата за замрзнување на цените.
-Сите одлуки се носат заедно со здруженијата и коморите. Очекуваме солидарност од сите стопанственици во нашата држава за кризата да не биде на грбот на граѓаните. – изјави за МИА министерот за економија Крешник Бектеши.
Откако цената на белиот и полубел леб ја замрзнаа на 33 денари, од утре стапува на сила и владината одлука за намалување на цените на тестенините за 15% и намалување на цените на млечните производи за 10 отсто. Оваа одлука ќе биде на сила до крајот на мај.
Ако некој производител ги намали цените на неговите продукти и повеќе од одреденото, Владата најави дека тие ќе бидат наградени.