Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска, како одговор на новинарско прашање, рече дека нема да има легислативни интервенции и дека ДДВ-то на сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар ќе се зголеми од 10 на 18 отсто од 1 јули, односно од утре, како што е законски предвидено.
Во тој дел веќе се презентирани даночните инструменти. Намалувањето на ДДВ-то беше една фаза во првичната енергетска криза со негово намалување од 18 на 5 отсто. Потоа тоа се зголеми на 10 отсто и враќањето на 18 проценти беше пролонгирано до јуни оваа година. Сега има нова методологија од Регулаторната комисија за енергетика за обликот на кризата со која се мотивира штедењето на потрошувачката со воведување на четири блок тарифи, рече Бесими на денешниот настан во канцеларијата на ЕУ.
Министерот рече дека како компензација, Владата ќе продолжи да ги субвенционира трошоците за производство и снабдување на електрична енергија. Според Бесими, тоа ќе биде еден вид на компензација за зголеменото оданочување.
Владата како сопственик на ЕСМ на Управниот одбор му даде насоки за цени пониски од цената на чинење и тоа значи дека ќе продолжиме со субвенционирањето. Нема да одиме со намалување на даночните давачки, туку со таргетирани мерки, додаде тој.