Министерството за образование и наука останува отворено за натамошно продлабочување на соработката преку заеднички проекти, институционални партнерства и мобилност на студенти и истражувачи.

Дамнешната визија на сенаторот Фулбрајт за градење меѓусебно разбирање меѓу народите преку образованието е особено актуелна денес, кога светот се соочува со сѐ поголеми предизвици и поделби. Меѓународната академска соработка има важна улога во градењето трајни вредности, партнерства и меѓусебна доверба, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на настанот по повод 80 години од Фулбрајт меѓународната програма за образовна и културна размена на Владата на САД.

Фулбрајт програмата, како што беше нагласено, осум децении создава можности за учење, истражување и професионален развој на илјадници студенти и научници ширум светот.

Изразувајќи благодарност до сите кои во изминатите години ја поддржувале и развивале програмата, Јаневска ја нагласи можноста голем број талентирани млади луѓе, научници, истражувачи и професионалци да учат едни од други и да придонесуваат за подобар свет.

Вршителот на должност амбасадорка Никол Варнс укажа дека повеќе од 450.000 студенти, истражувачи и професионалци од над 160 земји студирале во Соединетите Американски Држави или во странство со американска поддршка.

„Програмата Фулбрајт изнедри државници, добитници на Нобелова награда, научници и претприемачи. Денес, Фулбрајт останува водечката академска програма за меѓународна размена на Стејт департментот“, посочи Варнс.

Таа додаде дека со децении, добитниците на Фулбрајт максимално ги искористуваат можностите што ги нуди оваа програма и се враќаат дома за да придонесуваат, создаваат и водат.

Осврнувајќи се на придобивките од програмата, министерката посочи дека македонските стипендисти кои престојуваат во Соединетите Американски Држави стекнуваат драгоцено лично и професионално искуство.

„Тоа го говорат алумните на програмата и тоа се покажува во нивните подоцнежни резултати. Секако, предизвик е да бидеш стипендист на некој од американските универзитети рангирани на врвот од светските листи, каде има и што да се види и што да се научи. Тоа е можност за пристап до различни стандарди за истражување и настава, како и до професионални мрежи што траат и по завршувањето на стипендијата. По нивното враќање, стекнатото знаење го применуваат на универзитетите, лабораториите, институциите и училиштата. За земја во развој ова е значајно вложување во човечки капитал“, укажа Јаневска.

Според неа, еднакво значајна е и можноста американски студенти, професори и истражувачи преку програмата да ја запознаат Македонија, нејзините природни убавини, културното наследство и гостопримството на граѓаните, создавајќи пријателства и партнерства кои продолжуваат и по завршувањето на нивниот престој во земјава.

„Токму овие искуства ја прават Фулбрајтовата програма исклучителна и ѝ даваат вредност што ги надминува рамките на академската размена“, рече Јаневска.

Министерството за образование и наука останува отворено за натамошно продлабочување на соработката преку заеднички проекти, институционални партнерства и мобилност на студенти и истражувачи.

„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Фулбрајтовата програма, бидејќи таа отвора можности за уште поголема поврзаност меѓу македонскиот и американскиот народ“, порача Јаневска.

Професорот од Машинскиот факултет во Скопје Атанас Кочов рече дека искуството од реализираната студиска посета на САД преку „Фулбрајт“ значително го променила начинот на кој тој ги спроведувал истражувањата овде.

„Горд сум на придонесот да се зголеми бројот на стипендии за научници и истражувачи, како и да се отворат повеќе можности за студентите од Македонија во рамките на оваа програма. Секоја дополнителна стипендија му дава некому шанса да спроведе истражување или да студира во странство, а потоа да донесе нови идеи и познанства во својата работа дома. Им благодарам на Министерството и на Амбасадата што го овозможија тоа“, рече Кочов.