Изутринава делегации од градот, на семејствата, на преживеани и од локалната самоуправа заминаа на месноста Карпалак да им оддадат почит на загинатите. Делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите на градските и на гробиштата во населените места. Од 10 часот во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила ќе се одржи панихида за загинатите, а напладне, од 12 часот е централното чествување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
На централното чествување цвеќе ќе полажи и делегација на Собранието на Република Северна Македонија, составена од пратениците Бисера Костадиновска-Стојчевска и Петар Ристески. А на месноста Карпалак, од 9:30 часот, цвеќе ќе положат пратениците Марија Георгиевска и Александар Велјановски.
Чествувањата почнаа синоќа пред спомен-обележјето во прилепската касарна „Мирче Ацев“ каде делегации положија свежи цвеќиња и се поклонија пред споменот на 10-те загинати прилепски резервисти.
На 8 август 2001 година во заседа поставена кај месноста Карпалак на автопатот Скопје–Тетово загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата.