Советникот во Советот на Општина Крива Паланка, Влатко Ристовски, соопшти дека локалната власт предводена од градоначалникот Сашко Митовски и советничкото мнозинство го одбиле предложениот Акциски план со кој требало да се реши долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на добитокот низ општината.
По завршувањето на денешната седница на Советот, Ристовски појасни дека нивната иницијатива содржела целосно и прецизно решение базирано на четири оперативни мерки, конкретно утврдени рокови за спроведување, прецизна финансиска конструкција, меѓуинституционална координација и систем за редовен надзор на теренските активности.
Според неговите зборови, доставениот план предвидувал поставување соодветен прифатен пункт за животните, организирање специјализирани теренски екипи и директно вклучување на Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот и Министерството за внатрешни работи. Дополнително, документот содржел мерки за хуман третман на заловените животни, редовна дезинфекција на јавните површини и директна материјална помош за земјоделците кои претрпеле штети врз своите посеви.
Ристовски потенцираше дека советничката група доставила и детална финансиска рамка, како и предлог за формирање петчлена надзорна комисија која ќе има задолжение редовно да поднесува извештаи пред членовите на Советот.
„Ако не го прифатија овој план, кој е нивниот план? Кои се конкретните мерки, роковите и средствата што се подготвени да ги издвојат? Кој ќе ја преземе одговорноста за реализацијата?“, прашува Ристовски.
Тој најави дека советниците нема да се откажат и ќе продолжат да бараат институционално надминување на овој проблем, порачувајќи дека градоначалникот и мнозинството сега имаат обврска пред граѓаните јавно да кажат какви конкретни решенија нудат.
