Собраниската Комисија за финансирање и буџет по едночасовна пауза ја продолжи амандманската расправа по предлог-буџетот за 2027 година. На седницата беа разгледани и неприфатени серија амандмани што се однесуваа на вработените во одбраната и за самиот одбранбен ресор, како и за противпожарните служби, поднесени од пратениците од опозициските партии СДСМ и Левица.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи дека во предлог-буџетот за 2027 година за секторот одбрана се планирани вкупно 25,38 милијарди денари. Ова претставува зголемување за повеќе од 4 милијарди во однос на минатата година, односно покачување за 20 проценти. Тој исто така потсети дека од 1 јануари 2027 година платите за сите вработени во одбраната ќе бидат покачени за 10 проценти.

Опозицијата преку посебен амандман побара и издвојување на 45 милиони денари наменети за електронско следење на насилниците и воведување систем за предупредување на жртвите. Според нивното образложение, ваквиот метод веќе покажал значајни резултати во практиката низ европските држави.

„Ова не го измислуваме ние како нешто ново. Ова се покажало како еден од најефикасните начини да се спречи фемицид и насилство врз жените. Од 2009 година, од кога е воведен овој систем во Шпанија до 2025 година, токму поради ова 21.036 жртви биле опфатени и ниту една после тоа не била повторно жртва на насилство“, рече Тренчевска.

Опозициските пратеници исто така повикаа на итно активирање на Законот за насилство врз жените, за кој тврдат дека три месеци неоправдано стои во фиока, а содржи прецизни задачи за министерот за внатрешни работи и останатите релевантни институции. Во законските одредби, според нив, се предвидени брза интервенција и итни мерки за отстранување на насилникот од семејниот дом.

Поднесениот амандман беше одбиен од страна на мнозинството со официјално образложение дека Министерството за внатрешни работи веќе подготвува нов закон со кој целосно ќе биде опфатена и уредена примената на електронски алки за насилниците.