По речиси 11 години од почетокот на изградбата и долгогодишен застој, Охрид конечно ќе го добие затворениот пливачки базен. Владата на денешната седница донесе одлука со која се создаваат сите потребни услови за продолжување и целосно завршување на овој спортски објект, соопштија од Министерството за спорт.
За финализирање на градежните работи се обезбедени 470 милиони денари. Од ресорното Министерство наведуваат дека по преземањето на надлежностите била спроведена темелна ревизија и анализа за утврдување на техничките, финансиските и административните пречки кои го блокираа проектот, по што била извршена и неопходна измена на основниот проект.
Со надминувањето на долгогодишните проблеми, градот ќе добие еден од најзначајните спортски инфраструктурни објекти. Оваа инвестиција е од големо значење за развојот на пливачките спортови во Македонија, бидејќи ќе овозможи современи услови за тренинг на спортистите, развој на младите категории и организација на официјални натпревари.
