Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари билатерална средба со бугарската министерка за енергетика Ива Петрова, на маргините на Вториот министерски самит на четирите земји – Македонија, Бугарија, Грција и Србија. Средбата се одржа во салата „Македонска соба“ во Палатата Србија во Белград.
На состанокот учествуваа претставници на ресорното министерство, МЕПСО и НОМАГАС, како и високи претставници и раководители на клучни енергетски компании и институции од Бугарија. Акцентот во разговорите беше ставен врз продлабочување на билатералните односи во енергетскиот сектор, преку реализација на конкретни проекти, размена на искуства и утврдување на можности за заеднички активности.
Како една од клучните теми се издвои прашањето за батериските системи за складирање на електрична енергија. Македонската делегација покажа силен интерес за бугарските искуства во делот на техничките решенија, законската регулатива, механизмите за финансирање и севкупната реализација на вакви проекти. Бугарската страна изрази целосна подготвеност да ја сподели својата стручна експертиза и технички знаења со македонските институции и компании.
Соговорничките детално разговараа и за продолжување на соработката насочена кон подобро интегрирање на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на струја. Во рамки на средбата се отвори и прашањето за енергетската сиромаштија, при што беа разгледани конкретни мерки и социјални политики што можат да обезбедат подостапна и стабилна енергија за граѓаните.
Министерките разменија мислења за долгорочните енергетски планови и нивното усогласување со регионалните приоритети. Беше отворена можноста за заеднички настап пред меѓународните финансиски институции и донатори, со цел обезбедување грантови и средства за стратешки енергетски проекти од регионално значење.
На средбата посебно внимание им беше посветено на новите технологии и поврзувањето на компаниите. Беше потенцирана важноста на соработката меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО со нивните соодветни партнери од Бугарија за директна размена на знаења и реализација на инфраструктурни зафати.
Двете страни ја разгледаа и Иницијативата Исток–Запад, која предвидува изградба на дополнителна интерконекција меѓу македонскиот и бугарскиот електропреносен систем, како и надградба на постојната интерконективна мрежа меѓу Македонија и Грција. Реализацијата на овие проекти ќе ги зголеми преносните капацитети и ќе ја зајакне улогата на земјата во регионалната енергетска безбедност.
