Во лекувањето на одредени пациенти учествувале од три до шест или осум стручни медицински лица, не може да се бара индивидуална одговорност – тврди одбраната за случајот „Онкологија“, кој се води против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти.
Техничкиот советник на првообвинетиот, доктор Владимир Даниловски, на денешното сослушување во Основниот кривичен суд во Скопје, одговарајќи на директни прашања од одбраната, укажа дека по дополнителни увиди во целокупната документација за лекувањето одделни пациенти, утврдил дека вештото лице на Обвинителството – доктор Маја Радник од Словенија – не располагала со целокупната медицинска документација за лекувањето кај повеќе пациенти.
Од 165 достапни документи за дадена терапија на еден конкретен пациент, Даниловски нагласи дека на вештото лице Маја Радник ѝ биле дадени 60, а кај друг пацинет, како што посочи, не биле дадени медицински документации за 11 години лекување, туку само за последните неколку месеци.
Во својот исказ Даниловски исто така посочи повеќе пациенти чие лекување почнало кај Мери Пешевска, која како второобвинета во предметот призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор, но и пациенти што се лекувале кај други онколози или надвор од Клиниката за онкологија, како и дека во лекувањето на одредени пациенти учествувале од три до шест, а во некои случаи и осум стручни медицински лица.
Според Даниловски, не може да се направи изолирана процена на лекување на пациентите, туку треба да се направи увид и процена на уделот во лекувањето на сите онколози, кои учествувале во лекувањето на пациентите, укажувајќи дека носењето терапевтски одлуки не било изолиран, туку континуиран клинички процес.
На прашањетодали кај конкретна пациентка Никола Васев дал некоја од спорните терапии, Даниловски рече – да, доктор Васев дал една терапија што вештакот ја посочува како спорна, но таа е продолжена и потоа од друг онколог во понатамошното лекување.
-Повеќегодишната терапевтска контрола на болеста и повеќекратно подолгото преживување на пацинетот не одат во прилог на тврдењето дека дадената терапија била штетна и придонела кон конкретна токсична реакција, оштетување органи и скратување на животниот век… – изјави Даниловски.
Даниловски во своето излагање за сите пациенти на Нино Васев, чија медицинска документација била предмет на вештачење, изјави дека „не е докажана директна причинско-последична врска меѓу конкретно медицинско постапувањето на доктор Никола Васев и применета терапија и исходот кај пациентите“, како и дека од увидот во целокупната документација „не произлегува дека Васев донел одлука за примена на некоја од терапиите што вештото лице Маја Радник ги посочува како спорни“.
Според Даниловски, пациентите имале и неколкупати подолго од просечното реално очекувано преживување кај така сериозна и напредна форма на карцином.
Според одбраната, од вкупно 31 пациент што му се ставаат на товар на Нино Васев, тој учествувал во лекувањето на шест пациенти. Од 35 лекари на Клиниката, дури 28 учествувале во лекувањето на овие пациенти, што според одбраната покажува дека не може да се бара индивидуална одговорност за лекувањето на вака сложена болест.
Бранителот на Васев, адвокатот Боби Спирковски, во изјава за медиумите на пауза од денешното рочиште посочи дека Мери Пешевска, која призна вина за злоупотреба на печатите, учествувала во лекување на дури 22 од овие пациенти и ќе биде повикана како сведок во судот.
Судот на почетокот на денешното рочиште ги прифати вештачењата изработени од доктор Марија Здравевска и нејзиното испитување предложено од одбраната на Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓоргева од ОЈО – Скопје.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката, се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
