Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја истакна брзата реакција на институциите при последните пожари во земјата и потенцираше дека постојат индиции за лица кои можат да бидат инспиратори на овие случувања. Тој додаде дека состојбата е стабилизирана и дека граѓаните можат да бидат спокојни, а одговорност ќе има за сите кои не го поддржуваат развојот на државата.
„Има индиции, имаме основано сомневање кој може да биде инспиратор за сето ова што се случуваше, но можам да кажам дека сум исклучително задоволен што за многу кратко време институциите во една координирана акција успеаја да го совладаат предизвикот и денеска можам да кажам дека состојбата и во Дрисла, и Вардариште, и во Трубарево е нормализирана и нема ни чадење“, рече Мицкоски.
„Веќе имаме една група од дваесетина лица која е под мониторинг за која постои основано сомневање дека девијантно се однесувала во изминатиов период и оставам органите на прогон да си ја завршат својата работа. Многу лесно можете да дојдете до тоа кои се тие центри на моќ, тоа се тие кои не сакаат Македонија да биде успешна земја, кои не сакаат да имаме стабилна Македонија која ќе се развива, ќе ниже успеси, ќе расте, ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал, тие сакаат да ја видат таа Македонија од претходните 7 години понижена, ограбена, засрамена, со политичари со свиткани кичми. Многу лесно граѓаните ќе дојдат до одговорот“, додаде премиерот.
Над 30 лица приведени за подметнување пожари, најголем дел од инцидентите предизвикани од човечки фактор
Мицкоски потсети дека од почетокот на сезоната на пожари повеќе од 30 лица биле приведени поради основано сомневање дека учествувале во подметнување.
„Ќе се сетите од случувањата во јуни кога наеднаш во околината на Скопје на неколку локации се случија неколку пожари, неколку лица беа приведени, за некои постоеше основано сомневање дека учествувале во подметнување, а во текот на летото исто така, и сега во Вардариште имаше акција, МВР приведе неколку лица и е одредена мерка притвор, исто и во Трубарево и Дрисла. Сите овие пожари кои се случуваат, можеби има кои не се од човечки фактор, но најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор“, додаде премиерот.
Премиерот подвлече дека иако претходната власт со години ја слабела системот и ги уништувала институциите, сегашната влада досега успеала да постигне значителен напредок и дека уште многу останува да се направи.
„Дали ние за 15 месеци можеме да поправиме се што е уништувано тие седум години, не. Ние направивме многу, а уште повеќе останува да се направи. Ние сме единствената влада која привела министер од сопствените редови, тоа не се случило никому, а знаеме дека голем е бројот на министри кои учествувале во такви девијантни однесувања во минатото“, изјави Мицкоски.