Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, во гостувањето во „Само вистина“ на Канал 5 ја потенцираше потребата Собранието да ја расчисти секоја недоумица поврзана со најтешките трагедии во државата, вклучително пожарот во дискотеката „Пулс“, несреќата со модуларната болница во Тетово, како и случаите „Дурмо турс“ и „Беса Транс“. Таа истакна дека формирањето Анкетна комисија е неопходно за да се утврди каде системот потфрил и кој треба да сноси одговорност.

„Денеска ние излеговме со предлог и доколку ние навистина сакаме и целата јавност да го расчистиме овој случај нека се допотпишат на нашата иницијатива и како зрели возрасни луѓе и политичари треба да ја одржиме таа Анкетна комисија бидејќи јавноста бара одговори за сите овие случаи и ние како општество генерално треба да дадеме одговори за сите овие случаи, каде затаил системот и кој бил виновен. Никогаш не е доцна да ги извадиме одговорите на површина и одговорноста“, вели Ласовска.

Таа нагласи дека иницијативата нема политички мотиви, туку цел да се идентификуваат вистинските виновници и да се обезбеди транспарентност во интерес на граѓаните. Според неа, Собранието има институционална обврска да реагира кога јавноста бара одговорност за вакви трагедии.

„Сметам дека ние како Собрание мораме тоа да го направиме. Денеска ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ излеговме со прес – конференција, немаме намера апсолутно никого да заштитуваме за една таква ужасна трагедија и колективна болка, нема потреба никого да криеме, напротив треба одговорите да ги виде јавноста. Не смееме ние како држава да дозволиме да има неодговорени прашања за вакви катастрофални состојби. Треба да бидеме заедно, да направиме заеднички заклучоци, се надевам тоа нема да биде дневна политика, ова трагедија не заслужува да биде дневна политика, ниту другите претходно. Треба на виделина да ги извадиме сите виновни“, рече Ласовска.

Според пратеничката, анкетната комисија е начин институциите конечно да покажат дека сериозно ги третираат трагедиите од изминатите години и дека истрагите не смеат да останат недовршени или нејасни.