Во Кривичниот основен суд во Скопје денеска почна судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница. Поради потребата од докомплетирање на правниот тим на одбраната се одложи денешното рочиште. Д-р Митрев беше присутен во судот.
Верувам во институциите на државата и ќе ја докажам вистината, изјави д-р Митрев.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Се што очекуваме е фер судење, а заедно со адвокатскиот тим ќе ја докажеме вистината, изјави д-р Митрев.
Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лечење од Ковид -19, по по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.