Во Основниот суд Охрид денеска не се одржа закажаното рочиште за судењето за нападот на Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид. Причина за одложувањето беше тоа што бранителот не го доби обвинението против второобвинетиот во случајот.
Во судницата присуствуваа оштетениот Пендиков, првообвинетиот Илија Спасески и првпат второобвинетиот Борче Ангелов од Битола. Застапникот на обвинетите, адвокатот Димитрија Цобоски, рече дека не е запознаен со содржината на обвинителниот акт против второобвинетиот.
„Обвинителот поднесе обвинителен акт против второобвинетиот во случајот. Не ја знам содржината на тоа обвинение, не ги знам доказите, добив само покана за предметот против првообвинетиот, па ни треба време да ги подготвиме и провериме доказите и да ја подготвиме одбраната“.
Судијата Бојан Мартиноски на денешното рочиште појасни дека за двајцата обвинети ќе се води по една судска постапка. Претстојните рочишта ќе се фокусираат на утврдување на околностите под кои се случила тепачката.
Понатаму, основното јавно обвинителство побара Судот да му ги одземе пасошот и личната карта на второобвинетиот Ангелов за да го спречи да ја напушти државата.
Стефан Камишевски, претставникот на оштетената, не сакаше да ја коментира одлуката на Судот за одложување на денешното рочиште и изрази уверување дека на следното рочиште постапката ќе започне со изведување на предложени докази и од обвинителството и од одбраната.
Следното рочиште за овој судски процес што е во тек е закажано за 1 декември.