На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за земјава за 24 јуни.

Во текстот се споменува важноста од зачувување на динамиката и доверливоста на процесот на европска интеграција. Се истакнува дека Македонија продолжува да покажува посветеност кон евроинтеграцијата на ЕУ.

Во документот се наведува дека демократските институции во државата функционираат “задоволително”. Но и  дека политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи. Се апелира на засилување на напорите за унапредување на владеењето на правото и независноста на судството. Потоа борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и унапредувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.

На основниот предложен текст на Извештајот, кој беше објавен на 18 март, беа доставени вкупно 313 измени. Од нив повеќето дополнително објаснуваат или надополнуваат одредени делови од текстот. Има и такви кои воведуваат нови содржини или оценки.

Посебно внимание привлекоа измените кои го нагласуваат македонскиот јазик и идентитет

 

Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер, предлагаат измени за вметнување нова Точка Д-а со идентична содржина.  “Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет”.

Холандскиот европратеник Тајс Ројтен, исто така, предлага додавање на алинеја 19а во Извештајот, која би гласела “Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ”.

Ројтен предлага уште една измена и тоа на Членот 2 за негово дополнување со текстот “со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет”, додека Вајц предлага надополнување на истиот член со зборовите “и целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет”.

Европратениците Ден Барна, Урмас Пает и Петрас Ауштревичиус заеднички предлагаат измена на Членот 2 со кој се бара вметнување на текстот “и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик”.

Хрватските европратеници Карло Реслер и Давор Иво Стиер предлагаат нов Член 2б кој би гласел: “Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјата и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”.