Повеќе од четвртина од населението во Европската Унија постаро од 16 години, односно 27,5 проценти, во 2025 година не можело да си дозволи најмалку една недела годишен одмор надвор од домот, покажуваат податоците на Евростат.
Уделот на граѓаните без финансиска можност за седумдневен одмор е зголемен за 0,5 процентни поени во споредба со 2024 година. Сепак, во однос на 2015 година е намален за 7,7 процентни поени.
Најтешка е состојбата во Романија, каде што 61,4 проценти од населението не можеле да си дозволат една недела одмор. Следуваат Грција со 46,6 проценти, како и Бугарија и Унгарија со по 39,1 проценти.
Најмал удел на граѓани без можност за одмор е регистриран во Луксембург, 10,6 проценти, во Шведска 12,4 проценти и во Холандија 12,8 проценти.
Податоците се однесуваат на можноста домаќинствата самостојно да финансираат најмалку една недела годишен одмор надвор од својот дом, што Евростат го користи како еден од показателите за материјалните услови за живот.
