Актуелниот предводник на репрезентацијата до 21 година ќе ја преземе селекторската функција во А репрезентацијата од 1 август 2021 година.
– Најпрвин, од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А-репрезентација. Тој самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А-репрезентација, изјави Муамед Сејдини, претседателот на ФФМ.
Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А-репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи. Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А-репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила, додаде Сејдини.
На седницата на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беше донесена одлука за назначување на Драган Канатларовски за селектор на македонската репрезентација до 21 година.