Имено, Игрите ќе бидат сведени само на телевизиски преноси и ништо повеќе. На навивачите од странство им е забрането доаѓање уште пред неколку месеци, а сега е дефинитивно дека ни домашната публика нема да има приод до олимписките стадиони и борилишта.
„Земајќи го предвид влијанието на делта сојот на коронавирусот, со цел да го спречиме потенцијалното ширење на вирусот ширум земјата, одлучивме да воспоставиме превентивни мерки. Одамна реков дека нема да се двоумам да забранам присуство на публика ако ситуацијата не се поправи“, изјави премиерот на Јапонија Јошихиде Суга.
Пред само две недели беше дозволено трибините да бидат пополнети 50 проценти, но максималниот број на гледачи да не смее да надмине 10.000. Во меѓувреме се случи пресврт бидејќи бројот на заразени почна нагло да расте. Јапонските власти дури изнесоа и препорака до граѓаните да не излегуваат надвор освен во најитни случаи. Сите барови, клубови и останати места каде се продаваат алкохолни пијалоци ќе бидат затворени.
Јапонија за изградбата на „Националниот стадион“ каде ќе се одржи отворањето на Олимписките игри вложи 1.400.000.000 долари. Се очекува во Јапонија да допатуваат 11.000 олимпијци, плус уште околу 4.400 параолимпијци, со уште неколку десетици илјади официјални лица, судии, администратори, спонзори, телевизиски екипи, новинари и други за кои присуството е дозволено.