На последните пет мечеви екипата претрпе три порази во шампионатот, една победа, а беше елиминирана од моментно најслабиот во Првата лига, Пелистер.
– По долго размислување, а со цел да се извлече заедничко добро и за мене и за тимот, донесов одлука да се повлечам од позицијата шеф на стручниот штаб на Работнички. Поминав прекрасни 11 месеци во клубот, чиј пријател и голем навивач ќе останам и во иднина. Сега е време да се посветам на мојот следен проект кој го подготвувам подолг период. Би сакал да се заблагодарам за одличната соработка и за поддршката на раководството на ФК Работнички, сите мои соработници и пред се на фудбалерите. Им посакувам добро здравје и успеси во иднина и искрено се надевам дека Работнички ќе успее да го најде патот за враќање на европската сцена – рече Влахо.
ФК Работнички му се заблагодарува на Влахо за посветената работа и за максимално вложениот труд.
– Би сакал да му се заблагодарам на Александар Влахо за посветеноста и напорната работа во ФК Работнички. Клубот му посакува се најдобро во понатамошната кариера. Во наредните денови ќе биде назначен нов шеф на стручниот штаб – изјави претседателот на „романтичарите“, Драган Поповски.