Сериозна опасност за куќите и населението во Тетово претставувал пожарот што претпладнево избувнал над православните гробишта. Благодарение на брзата интервенција на тетовските пожарникари и полицискиот хеликоптер, огнот бил ставен под целосна контрола.
Пожарот избувнал околу 11 часот меѓу неколку куќи, а потоа се проширил кон блиската шума во правец на тетовското кале. Во гаснењето интервенирале тетовските пожарникари, додека полицискиот хеликоптер во девет наврати фрлал вода врз огнените јазици.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, оцени дека била избегната поголема опасност поради близината на голем број куќи и населението.
„Избегната е голема катастрофа. Овој пожар имал потенцијал да направи голема беља затоа што наоколу има многу куќи, а и многу населени, од она што можам да го видам“, изјави Ангелов.
Според жител на една од околните куќи, пожарот избувнал за време на детска игра. Во еден момент настанала искра, по што огнот брзо се проширил и зафатил сунѓери што се наоѓале во близина.
Засега нема информации за повредени лица, ниту за куќи што биле зафатени од огнот. Пожарот е ставен под целосна контрола.
