ОГНОТ НА МАКЕДОНИЈA: Младите се двигателот на иднината во татковината
Огнот на Македонија, симболот на визија и истрајност, гори силно токму кај младите членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
„Секогаш со посебна инспирација и чувство на почит и емпатија говорам на настаните на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тука е цветот на младоста. Многу млади луѓе со силни амбиции, различни погледи, многу желби и идеи, но само еден мотив кој води низ сите премрежја, низ сите бури и искушенија – тоа е желбата да изградиме иднина за генерациите кои следат, заедничка иднина тука во нашата татковина Македонија,“ го започна својот говор премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната 34-та Годишна конференција на Унијата на млади сили.
Чувството на припадност кон Унијата како политичко семејство
Мицкоски подвлече дека постои силна врска меѓу членовите на партијата и Унијата.
„Нема член на партијата кој нема силно изразено чувство на припадност кон Унијата, затоа што тука сме растеле, тука сме созревале, тоа е едно заедничко семејство за кои многумина од нас било местото на првите чекори во политиката, првите ангажмани, првите дебати, првите политички акции. И од тука се почнувало, тука созревале многу млади потенцијали, кои подоцна се реализирале во заедничките цели. И кога гледам колку многу ве има, колку само енергија давате, знам дека ВМРО и Македонија имаат иднина,“ рече Мицкоски.
Пренесување на историските вредности и благодарност за пожртвуваноста
Во завршниот дел од својот говор, тој изрази благодарност за активноста на младите во партијата.
„Благодарен сум што го чувате огнот на Македонија, ги продолжувате приказните и идеите на се она што на се темели нашата партија, и тоа не се само основачите од деведесеттите кои длабоко ги почитуваме, туку и идеите на илинденците кон кои секогаш сме се поклонувале, тука се и идеите и заветот на многу големи умови на македонското револуционерно дело, кои ја создавале и се бореле за оваа македонска држава, кои со чест и дело се жртвувале за идеали, за нашата слобода, нашето право на самоопределување, во тешки и невозможни услови, кои никогаш не се откажувале, не затоа што било лесно, туку затоа што верувале и кога многумина ги откажувале, и затоа што пишувале историја тогаш и кога ги негирале. Имале визија, ум и непоколеблива храброст. И никогаш не се откажувале.“